Првата инвестиција од фондот што го формираа организацијата „Македонија 2025“ и СЕАФ се очекува да се случи догодина. Ова беше најавено на Глобалниот инвестициски самит што денеска заврши во Охрид. Хуберт ванд дер Варт, извршен претседател и коосновач на СЕАФ истакна дека фондот има доволно средства за инвестиции. Според најавите фондот првично ќе тежи околу 15 милиони евра.
Претседавачот на самитот Зоран Мартиновски смета дека треба д се искористи висококвалификуваната работна сила која во последните две децении заминала во странство. Се претпоставува дека тој број изнесува 250.000 лица.
На вториот Глобален инвестициски самит во Охрид учествуваа 350 бизнисмени и менаџери од 20 земји во светот, кои одржаа голем број билатерални средби со македонски стопанственици.
Во рамки на пропратните активности на самитот се одржа хуманитарен концерт, кој го отвори градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески. Пред присутните градоначалникот Бакрачески ги истакна убавините на космополитскиот Охрид препознаен како светско природно и културно богатство на листата на УНЕСКО.
-Мојот град почитувани, всушност претставува еден сеуште докрај неоткриен мозаик на природни,историски, културни и духовни вредности, во кој секое делче е засебна приказна и печат на цивилизациите и културите кои битисувале на овој простор. Универзалноста и безвременоста на креациите што ни ги оставиле бројните неимари, уметници, просветители и хуманисти низ историјата, денес по многу нешта Охрид го прават уникатен. Убеден сум дека духовната креативност и непресушното културно траење на македонските уметници, одамна се препознаени како уникатни творби на човековата цивилизација од нејзините почетоци до денешните дни. Верувам дека и денешниот концерт уште еднаш ќе го потврди македонскиот талент и високиот рејтинг на нашите уметници на светската уметничка сцена и ќе ни пружи нескриено задоволство – истакна градоначалникот Бакрачески.
Бакрачески оствари низа контакти со познати македонски бизнисмени во странство и накратко ги запозна со инвестиционата клима, потребата од економски развој на Охрид и зголемување на економските и финансиски перформанси, информираа од Локалната самоуправа.
OhridNews