Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, изјави дека само два отсто или 112 од 5.747 краварски фарми во земјава го исполнуваат критериумот за хигиена на млеко. Според категоризацијата која е во тек и треба да заврши до крајот на месец октомври, во втора категорија спаѓаат 3.600 фарми, а во трета 1.450.

Атанасов рече дека свежо млеко можат да продаваат само фармите од прва категорија, а оние од втора и трета мора да го преработуваат во сирења и кашкавали.

Прва категорија фарми подразбира продукција на млеко согласно европските стандарди, втора значи недоволно хигиена при манипулацијата со млекото до негово предавање на откупувачите (појава на бактерии повеќе од дозволеното при молзење или поради нечисти штали), додека трета категорија се оние фарми во кои има дури и заболени животни, а и не се внимава на благосостојбата, објасни директорот.

За надминување на ваквата состојба, АХВ ќе предложи до Владата да се обезбедат дополнителни стимулации за производителите кои предаваат првокласно млеко, како и продолжување на едукацијата на фармерите.