
-Кога ќе има стопан кој се грижи за рибниот фонд ефектот ќе биде подобар. Тоа се покажа на дело дека физичкото обезбедување е многу подобро од минатото и не само за пастрмката, тоа ќе продолжи за сите видови риба.-изјави Зоран Спиркоски од ХБЗ Охрид.
ХБЗ очекува до крајот на риболовот за вештачки мрест во март, да се соберат над 2 милиони зрна икра. Научниците ги охрабрува и тоа што пастрмката годинава се враќа во природните мрестилишта во Трпејца и Пештани, што не е случај со охридскиот дел. Тоа според нив се должи на големиот број потонати мрежи кои содржат риби кои се распаѓаат, поради што зрелите единки не положуваат икра во тие плодишта. Затоа ХБЗ размислува за набавка на софистицирана опрема за чистење на езерското дно од потонатиот риболовен алат.

И натаму отворено останува прашањето за заедничка заштита на рибниот фонд со Албанија, кое треба да биде решено на политичко ниво. Од ХБЗ укажуваат дека со албанските колеги ја изготвиле целата потребна техничка документација, и дека сега останува на владите да покажат добра волја и да го потпишат долго најавуваниот билатерален договор , без што, ниту Македонија, ниту Албанија не ќе можат да користат средства од ЕУ за унапредување и заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро.
					



							






