Македонската фудбалска репрезентација одигра реми 1:1 со Казахстан во натпревар од квалификациите за пласман на Светско првенство што се одигра синоќа на исполнетата арена “Тодор Проески” во Скопје.
Ништо не им одеше од нога на нашите репрезентативци кои на моменти во првото полувреме делуваа немоќно и неповрзано. Казахстан, пак, играше растоварено без резултатски императив. Гостите беа борбени и одлично поставени и ни создаваа многу проблеми. Сепак првото полувреме не донесе голови.
На почетокот на вториот дел една нафрлена топка во нашиот шеснаесетник создаде конфузија во одбраната. Димитриевски лошо ја процени, а во мешаницата најдобро се снајде Караман кој им донесе водство на гостите за молк на трибините.
Милески на полувреме во игра ги уфрли Костадинов и Чурлинов а потоа и Растодер. Македонија притисна, создаде и шанси но мрежата на гостите мируваше се до 74 минута кога капитенот Барди постигна еврогол од слободен удар стрелајќи прецизно од 30 метри.
До крајот на мечот Македонија притискаше, но не успеа да го сврти резултатот. Најголемата прилика ја имавме во 95 минута но казахтанците успеаја да го одбијат последниот налет на црвено-жолтите.
Македонија и натаму е непоразена во квалификациите но ги загуби шансите за директен пласман на Светското првенство затоа што Белгија која има натпревар помалку го совлада Велс на гости (2:4) и сега има отворен пат кон мундијалот. Белгијанците сега се први на табелата со 14 бода а до крајот на квалификациите во групата Ј се среќаваат со Казахстан и Лихтенштајн. Македонија е втора со 13 бода и гол разлика +9, а Велс има 10 бода на третото место и гол разлика +3. Следат Казахстан со 7 и Лихтенштајн без бодови.
Велс до крајот на квалификациите ќе игра со отпишаниот Лихтенштајн на 15 ноември и ја пречекува Македонија дома на 18 ноември. Доколку велшаните не постигнат победа со 6 или повеќе гола разлика со Лихтенштајн, на Македонија ќе и одговара и реми, во спротивно ќе мора да брка победа за освојување на второто место и пласман во баражот за Светското првенство 2026.
Г.М.