Од вкупно 28 плажи на охридското крајбрежје, само една третина има склучено договор со општинскиот Црвен крст за нивно обезбедување. Поточно, само девет од нив, согласно законските прописи, оваа сезона ќе бидат безбедни за капачите.

Претседателот на Црвен крст- Охрид, Сашо Точков, потенцира дека интересот за обезбедување на плажите и ангажирање на спасители на вода, од страна на концесионерите, се зголемува од година во година.


Морам да потенцирам дека за тоа допринесува и соработката со охридската капетанија, министерството за транспорт и врски и нивните инспекциски служби кои со своите контроли наложуваат да се применуваат законските прописи кои се однесуваат на обезбедувањето на плажите и ангажирањето на спасители на вода, вели Точков кој изрази надеж дека до 1 јули, кога е крајниот рок за поднесување на барања за обезбедување на плажите, ќе се зголеми бројката на заинтересирани концесионери. 


Годинава, на охридската ривиера, за безбедноста на капачите ќе се грижат над 70 спасители, односно вкупно 160 активисти во општинскиот Црвен крст се обучени и подготвени во секој момент да бидат ангажирани доколку тоа е потребно.

Нивната одлична подготвеност да реагираат брзо и адекватно, беше потврдена и при денешната показна вежба на спасување и укажување прва помош и реанимација на давеник, која се одржа на старото пристаниште. Вежбата беше во рамки на обуката која врз охридските спасители се спроведува од страна на англискиот тим инструктори Флоријан.


Обуката се реализира веќе втора година по ред,при што се  користат напредни техники за спасување и извлекување на давеници.

Охридските спасители на вода се целосно подготвени да интервенираат, користејќи најсовремени вештини на спасување. Единствено им недостига уште посовремена опрема, за која се надеваме наскоро ќе ја обезбедиме, велат од тимот на Флоријан.


 

Од минатата година, дел од опремата се и два чамци за спасување, донација на Флоријан, а од оваа сезона, освен амбулантно возило, при интервенциите ќе се користи и брод амбуланта, кој постојано ќе патролира и ќе им служи како поддршка на спасителите.  

Минатата година, охридските спасители на вода извршиле 14 успешни интервенции за извлекување на давеници, а во преку 150 случаи е укажана брза помош.

Т. К.