Посетеноста на локалитети и музеите во Охрид кои се под надлежност на НУ Завод и музеј Охрид вообичаено во зимскиот период е значително опадната во однос на летниот период што е сосема разбирливо, вели директорот Мишко Тутковски.
Вкупниот број на посетители во периодот од октомври до декември изнесува 8831 и притоа најголем број на посетители, 4112, има на Самуиловата тврдина, а на Музејот на вода кај Градиште биле остварени вкупно 3973 посети, вели Тутковски.
Во текот, пак, на летната сезона минатата година, одосно во месеците јуни, јули и август, локалитетите и музеите ги посетиле вкупно 61 645 домашни и странски посетители. Најголем број на посетители беше забележан во Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште 31 197.
Веднаш по него е локалитетот Самуилова тврдина со вкупно 27 639 посетители. Музејот во Куќата на Робевци го посетиле 1 984 гости, а Галеријата на икони 825 посетители.
Зголемена посетеност на локалитетите забележавме во почетокот на 2022 година, односно за време на новогодишните и божиќните празници кога имаше значително поголем број на домашни и странски посетители во Охридскиот регион, додава Тутковски.
Н.С.Ј.













