Поради санација на теренот на СРЦ “Билјанини Извори“ во Охрид, охридските второлигаши Охрид Лоте и Охрид 2004 во наредните 30 дена ќе бараат алтернативни терени за одигрување на првенствените натпревари.


ЈП Билјанини Извори спроведе акција за замена на стар со нов бусен на местата каде фудбалското игралиште на градскиот стадион беше оштетено, вкупно 250 м2 нов бусен се замени што претставува активност која подолго време не беше направена на фудбалското игралиште. – Теренот ќе биде вон употреба во наредните месец дена. Санацијата беше повеќе од потребна со цел да се подобри “крвната“ слика на игралиштето. Пред нас е и зимскиот период на подготовки на екипите, па сакаме во што подобра кондиција да ги пречекаме екипите – вели директорот Гордана Јованоска.


Охрид Лоте веќе в недела ќе мора да се сели од Охрид, и натпреварот од седмото коло против Локомотива ќе го игра на теренот во село Велмеј. – Најблиска и најисплатлива варијанта ни е теренот во Велемеј. Постоеше можност да играме во Струга но во исто време Влазними го пречекува Миравци, со што отпаднаа таа комбинација – вели Спасе Панџак од Охрид Лоте.


Работите на теренот ќе финишираат на 24 октомври па така и Охрид 2004 ќе мора да бара алтернативен терен за одигрување на дербито во осмото коло против лидерот Миравци. Благодарение на паузата во второлигашката конкуренција охридските екипи по еднаш ќе бидат домаќини надовор од градот под Самоиловата тврдина.

М.П.