Дефектот на пумпите од кализациониот систем во населбата Канео, што предизвика излевање на фекалии во Охридското Езеро, е саниран во текот на вчерашниот ден. Истекувањето на фекалиите предизвика локално загадување на помала водена површина, што било констатирано од анализите што ги направи Заводот за здравствена заштита – Охрид, од каде информираат дека состојбата по отстранувањето на дефектот полека се нормализира.

-Од извршениот увид, вчера, се констатира дека има истек на фекалии во Охридското Езеро. Беше забележлив појас од фекалии и трулеж од околу петнаесетина метри. Водата беше матна и со непријатен мисрис, а физичко хемиската и микробилошката анализа покажаа дека таа е со со многу лош квалитет од петта класа и има пет пати поголемо присуство на амоњак од дозволеното, како и бактерии. Од надлежните за одржување на канализациониот систем бевме информирани дека имало механички проблем на една од пумпите кој е саниран, по што ние денес направивме нови анализи на водата и констатиравме дека нема никаков истек на отпадна вода и дека истата е бистра, без знаци на загаденост и непријатен мирис. Нема недозволени концетрации на штетни материи и состојбата е нормализирана, изјави Сашо Точко од Заводот за здравствена заштита.


Тој објасни дека месечно се контролира површинската вода од плажите во Охрид и истата во шпицот на сезоната е од прва и втора каса и е погодна за рекреација.

-Вакви инциденти се случувале и порано. Среќни сме што последниот заврши без поголеми последици, но тоа укажува дека треба да бидеме повниматели и да се најде некакво решение да не доаѓа до вакви дефекти или да се инсталира систем кој ќе сигнализира потрошеност на пумпите  за да може навремено да се интервенира, додава Точко.

На терен вчера и денес беа и екипи на ЕВН кои ги проверуваа електричните инсталации од објектите во населбата Канео, при што, како што информираат од компанијата не бил утврден дефект кој би можел да предизвика струен удар во езерото, но се апелира до јавноста доколку има некакви сознанија за инцидентите што се случија пред два дена да бидат известени надлежните служби со цел да се заштити здравјето на луѓето.


Пред два дена повеќе лица се пожалиле на здравствени проблеми додека се капеле на плажата кај Канео, а дел од нив побарале и лекарска помош. Според  очевидци тие кажувале дека почувствувале некакво тресење по телото, а во еден случај интервенирале присутни на плажата кои помогнале во спасување на женско лице од водата. Што ги предизвикало овие инциденти, се уште не се знае.

Стручни лица коментираат дека фекалните води можат да бидат проводници, но малку е веројатно и решиси невозможно дека дефект на системот за канализација може да предизвика струен удар во езерото. Според експерти, многу поверојатно е инцидентот да бил предизвикан од дефект на потопна пумпа, какви што се користат за наводнување. Според нив добро е граѓаните да се предупредат на опасностите од неправилно користење на ваквите и слични електрични апарати, особено доколку истите технички не се исправни, затоа што тоа може да предизвика несакани последици.

Горан Момироски