– Мерките што ги презема Владата, веќе почнаа да даваат резултати и очекуваме тој тренд да продолжи и понатаму. Тоа се должи, пред се на субвенциите за авионските летови кон Македонија, мерка што ќе се спроведува секоја година, како и поддршката на туроператорите кои носат странски туристи од Холандија, земјите од Бенелукс, но и од скандинавските земји, истакна министерот Сараќини, додавајќи дека бројот на туристите во февруари 2013 година, во однос на февруари 2012 година, е зголемен за 8.7%, а бројот на ноќевањата е зголемен за 10.3%.
Имајќи ја во предвид Стратегијата за развој на туризмот 2013-2020 година, министерот Сараќини објасни дека во неа се предвидуват точни мерки и активности за тоа како може да имаме поквалитетна туристичка понуда на странските туристи.
Министерот, исто така, информираше дека од денеска министерството отвара нова канцеларија која ќе обезбеди техничка поддршка за сите туристички агенции кои што имаат проблеми со пополнување на апликации и формулари за добивање субвенции. Како што рече, оваа мерка ќе придонесе уште повеќе за подобрување на целокупниот туристички амбиент.
Претставникот на хотелиерите, Аркан Керим, од туристичка агенција „Генерал турист“ ја поздрави иницијативата на Министерството за економија, како и студискиот план со активности кои треба да се реализираат со крајна цел, привлекување на што поголем број туристи.
Во моментов, како што истакна Керим, „Генерал турист“ работи претежно со гости од Турција, а годинава планираат да донесат околу 10.0000 туристи од Турција и Холандија, но и имаат најава и за гости од Германија.