Битката за 4-та позиција на табелата во Премиер лигата дополнително се вжешти, откако четвртопласираниот Челси изгуби од Арсенал во градското дерби на Емирати. „Сините“ имаат предност од три бодови но зад својот грб го имаат Арсенал и разиграниот Манчестер Јунајтед.

Менаџерот на „сините“ Маурицио Сари не го криеше разочарувањето после поразот во дербито и јавно ги критикуваше фудбалерите.

  • Многу сум нервозен и бесен после поразот, бидејќе ваквите загубени натпревари ни го рушат менталитетот. Арсенал беше многу одлучен за разлика од нас и тоа никако не можам да го прифатам. Се повторија истите работи како и на мечот со Тотенхем. Разговаравме и мислев дека тоа го решивме но очигледно не е се` како што изгледа. Сакам да зборувам за тактика, но овие играчи тешко е да ги мотивираш. – изјави италијанскиот стратег.

Од другата страна предводникот на „топчиите“ Унаи Емери ја смири топката и порача дека тимот мора да направи баланс. Во претходната рунда изгубија од Вест Хем, а оваа го совладаа Челси.

  • Ова е голема победа и ни дава за право да се надеваме на нешто позитивно. Меѓутоа, мора да најдеме баланс и мечевите на гостински терен да ги играме како домашните. Пред своите гледачи сме фантастични, додека тоа не можам да го констатирам и за гостувањата. – рече Емери.

Арсенал викендов кој доаѓа ќе паузира во Премиер лигата но ќе има дерби пресметка со Манчестер Јунајтед во четвртата рунда од ФА Купот.

OhridNews