Веднаш по договореното пазарење помеѓу ДПМНЕ и ДУИ и по распишувањето на претседателските и вонредните парламентарни избори, сведоци сме на една чудна појава во Охрид – најодговорните луѓе од локалната самоуправа и јавните претпријатија наголемо се растрчаа по улиците, сокаците, населбите и селата во општината, глумејќи пред јавноста дека реализираат и остваруваат капитални проекти.- забележува општинската организација на СДСМ.
-Ваквата гимнастика на партиските функционери од ДПМНЕ е провидна – 11 месеци за Охрид ништо конкретно не направија, ни еден проект не реализираа, ништо од ветеното не сработаа, но затоа сега, пред избори, се растрчаа да реновираат објекти, да санираат улици, да ревидираат проекти, да косат трева, да крпат дупки по коловозите, да асфалтираат улички по селата, да поправаат потпорни ѕидови, да расчистуваат мини депонии, да засадуваат зелени површини. Притоа, наводно како да е сосема случајно, на лице место секогаш се затекнуваат новинари и фоторепортери, кои веднаш за тоа ја информираат охридската јавност. На тој начин, редовните и вообичаените сезонски обврски на општинските служби и јавните претпријатија, на јавноста и’ се прикажуваат како значајни и капитални проекти. Косењето трева, поправката на тротоарите, крпењето дупки во асфалтот, промената на сијалиците, асфалтирањето на селски улички, санирањето на бехатонот, реконструкцијата на два ѕида – тоа се крупните проекти на актуелната градска власт. И сите тие активности се прават сега, пред избори, и сите се објавуваат по медиумите како значајни активности, иако тоа се сосема нормални и редовни работни задачи на надлежните институции. – реагира СДСМ.
Оттаму ги потсетуваат релевантните општински носители на јавни функции од редовите на ВМРО ДПМНЕ на одредбите од Изборниот законок, кои се однесуваат на нерегуларности во изборниот процес.
– Носител на јавна функција кој, спротивно на забраните утврдени со Изборниот законик, ќе започне изградба, со средства од Буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал, на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности, училишта, градинки или други објекти, ако за таа намена не се претходно обезбедени средства од Буџетот, односно не се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година, ќе се казни со затвор од шест месеци до една година. ОО на СДСМ Охрид ќе ги искористи сите правни средства за доследна примена на овој законски пропис и за спречување на секаква злоупотреба и загрозување на регуларноста на изборниот процес од страна на општинските јавни служби и функционери.-стои во соопштението.
Од СДСМ одговарија на прашањата поставени на последниот прес на ВМРО ДПМНЕ, посочувајќи дека тоа претставува замена на тези.
-СДСМ ги изгуби локалните избори во Охрид минатата година и довербата на охриѓани ја доби ДПМНЕ. Затоа охриѓани очекуваат одговори од власта, а не од опозицијата. Иако ДПМНЕ се‘ уште живее во илузија дека е опозиција, сепак ќе треба да се свести и да почне да дава одговори на сосема логичните прашања од опозицијата. Значи, уште еднаш, по кој знае кој пат, бесплатен урок од областа на демократијата до ДПМНЕ во Охрид – опозицијата поставува прашања пред јавноста, а власта дава отчет за (не)сработеното. До сега, јавноста во Охрид не слушна ниту еден конкретен одговор од ДПМНЕ на поставените прашања од опозицијата.-се вели во соопштението на ОО СДСМ Охрид.
OhridNews