Општинската организација на СДСМ од Охрид во писмено соопштение испратено до медиумите посочува дека градоначалникот Никола Бакрачески на последната седница на Советот на општина Охрид, не одговорил на ниту едно од поставените советнички прашања.
-Градоначалникот Бакрачески немаше одговор дали и кога ќе се гасифицира Охрид. Немаше одговор дали и кога ќе се изгради домот за стари лица во Охрид. Бакрачески не им одговори на граѓаните од улиците „Ристо Чадо“ и „Питу Гули“ зошто при реконструкцијата на улиците не е заменета водоводната инсталација стара над 40 години. Ниту дали ќе се изгради спортска сала и фудбалското игралиште во село Лескоец и дали ќе се реши проблемот со поплавувањето на делови од градот или кога ќе се направи атмосферска канализација на критичните места во градот и околните села, пишува во соопштението од СДСМ.
Во него се потенцира дека „Дил ориентед“ политиките на Никола Груевски и виртуелните проекти, Охрид го ставиле на првото место по бројот на иселени млади луѓе.
OhridNews