Денеска пратеничката група на СДСМ и опозицијата покрена постапка за утврдување одговорност на Ѓорѓе Иванов, како што велат од партијата, лицето кое нелегитимно извршува функција претседател на Република Македонија.

– Со својата вчерашна одлука за општа амнестија на политичарите, Ѓорге Иванов стана заштитник на криминалците, го погази уставот, законите и достоинството на граѓаните што е државен удар. Дополнително му зададе смртоносен удар на договорот од Пржино. Затоа бараме Собранието на Република Македонија да биде свикано за покренување на постапка за утврдување на одговорност на Ѓорѓе Иванов. Ги повикуваме сите парламентарни партии да ја поддржат оваа иницијатива и да преземат чекор за враќање на уставниот поредок во Република Македонија. Вчера ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека не се согласува со одлуката на Ѓорге Иванов. Ако е така ги повикуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да дојдат во Собранието и да го потпишат предлогот. Само така ќе докажат дека се искрени во изјавите, во спротивно ќе потврдат дека станува збор за договор меѓу нив и Иванов, потенцираа од СДСМ.

На барањето на СДСМ, како што пренесуваат дел од медиумите, од страна на Собранието било одговорено дека не постои уставна можност за свикување на седница на Собранието по неговото распушање и дека е тоа можно само во случај на војна или елементарна непогода.

OhridNews