Од општинската СДСМ бараат од градоначалникот Никола Бакрачески да преземе соодветни мерки и, како што велат, да го прекине самоволието на директорката на градинката „ Јасна Ристеска“.
– Постапките и однесувањето на директорката на оваа градинка се на штета на родителите и на воспитниот процес на децата. Директорката на оваа градинка без согласност на Советот на Општина Охрид ја покачила цената за полудневен престој, речиси двојно, од 800 на 1.500 денари. Исто така самоволно, преку ноќ, донела одлука престојот на дечињата да се плаќа однапред, пред 1-ви во месецот. Имињата на дечињата за кои не е платено се објавуваат јавно, на списоци истакнати на влезот од градинката, рече на денешната прес- конференција советничката Оливија Пирузева Јанева.
Јанева директорката на градинката ја обвини и дека на родителите им наметнува нови трошоци за употреба на брошури, прирачници и друга задолжителна литература, иако во предшколска установа не смее да има задолжителна литература.
– Да биде скандалот поголем, токму оваа литература е од Издавачката куќа Eduka Mak Publishing , каде директорката е соработник, коавтор и рецензент. Овие примери се само дел од самоволните постапки на директорката, кои предизвикуваат огромен револт кај родителите, рече Пирузева Јанева.
Од ОО на СДСМ велат дека неодговорноста на директорката не смее да се прикрива и бараат преземање соодветни мерки во интерес на воспитниот процес, родителите и децата.
OhridNews












