На седницата на Советот на општина Дебрца, одржана денеска, советничката група на СДСМ побара информација за изградбата на пешачка патека на крајбрежјето на Охридското Езеро, во Оровник, општина Дебрца, чија изградба е во тек. Оттаму посочуваат дека не се работи за плажа, туку за пешачка патека која се гради во заштитена зона, додавајќи дека Охридското езеро е со закон заштитен споменик на природата, прогласено и за светско природно наследство, ставено под заштита на УНЕСКО и дека преземањето на градежни и слични работи во езерото и на крајбрежјето подлежи на строги законски норми.
– Дали во постапката за изработка и одобрување на планско-техничката документација за оваа градба се почитувани законските прописи, а особено Законот за заштита на Охридското езеро и Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион; дали е добиено мислење од Управата за заштита на животната средина при Министерството за животна средина; мислење од Комисијата за управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот регион и мислење од националната Комисија на Унеско; дали е консултирана стручната јавност и невладините организации од областа на заштита на животна средина? -се прашањата кои советниците од СДСМ ги поставиле на денешната седница.
Во соопштението за јавност од СДСМ се наведува дека во усниот одговор градоначалникот на општината Игор Трајкоски истакнал дека во целост е запазена законската постапка, и дека се добиени потребните мислења од надлежните институции и дека градбата ќе се изведува исклучиво од природни материјали.
-Сакаме да веруваме дека е така, меѓутоа од увидот на градилиштето направен на ден 13.11.2015 година (што е видно и од фотографиите во прилог) очигледно е дека на објектот се изведени градежни работи со изведба на железни арматури, шаловање и подготовка за изведување на бетонски работи. Секој градежен зафат во непосредна близина на брегот негативно се одразува на езерото во целина и е во спротивност и со Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и со Законот за заштита на Охридското Езеро, односно ваквата активност ќе значи директно прекршување на целите на заштита на езерото, според кои заради заштита на езерото се забранува внесување материи и предмети што можат да предизвикаат морфолошки промени на езерото, се забранува преземање на активности со кои се прекинува природната комуникација меѓу езерото и крајбрежниот појас. Исто така, во непосредна близина на овој објект, во езерото се протега поголем појас на трска , место каде што се гнездат лебедите и мрести крапот. Со нејзиното уништување ќе имаме далекусежни негативни последици и нарушување на езерскиот еко систем. – велат од СДСМ.
СOветничката група на СДСМ јавно побара да бидат објавени мислењата од надлежните институции и истите да се стават на увид пред стручната и граѓаните.
OhridNews