Општинската организација на СДСМ Дебрца денеска испрати писмена реакција  во врска со градежните активности на општина Дебрца и Министерството за транспорт и врски за изградба на пешачката патека покрај Охридското Езеро, во КО-Оровник.

-Поаѓајќи од фактот дека Охридското Езеро е со закон заштитен споменик на природата, прогласено за светско природно наследство и ставено под заштита на УНЕСКО, при преземањето на градежни и слични работи во езерото и на крајбрежјето, а во насока на зачувување и ненарушување на автентичноста и интегритетот на светското природно наследство потребно е целосно почитување и примена на домашната законска регулатива, која се однесува на заштитата на природното наследство, како и на меѓународните прописи и конвенции, чиј потписник е Република Македонија, пишува во писмената реакција.

Во неа се објаснува дека секој градежен зафат во непосредна близина на брегот негативно се одразува на езерото во целина и е во спротивност со Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и Законот за заштита на Охридското Езеро.

-Ваквата активност ќе значи директно прекршување на целите на заштита на езерото, според кои заради заштита на езерото се забранува внесување материи и предмети што можат да предизвикаат морфолошки промени на езерото, се забранува преземање на активности со кои се прекинува природната комуникација меѓу езерото и крајбрежниот појас како на пример изградба на бетонски и камени ѕидови и слично. Притоа, објаснувањето дека пешачката патека се гради на катастарска парцела која е надвор од езерото не држи место, бидејќи согласно Законот за водите за заштита на коритата и бреговите на природните водотеци и езерата се забрануваат градежни работи во крајбрежниот појас, кој за езерата е во широчина од 50 метри од линијата на највисокиот утврден водостој. Во конкретниов случај, градежните работи се изведуваат непосредно до каде се протега водостојот на езерото, појаснуваат од СДСМ.

Оттаму потенцираат дека при изградбата на пешачката патека не се почитува ниту мислењето добиено ЈНУ Хидробиолошки Завод Охрид според кое материјалите кои се користат при градбата потребно е да бидат природни, а песокот мора да има автохтоно потекло од сливното подрачје на езерото.

Спротивно на тоа, во текот на градбата на патеката се вградени големи количини на неавтохтон материјал како бетон и железо.

-Исто така, објаснувањето на надлежните од општината дека со овој проект ќе се добие уреден дел каде што жителите и туристите ќе можат да се рекреираат и релаксираат, во најмала рака е дискутабилно. За какво рекреирање може да стане збор на толку кратка пешачка патека од само 120 метри и која се граничи со асфалтниот коловоз од стариот регионален пат Охрид-Струга, по кој постојано се одвива сообраќај со моторни возила, прашауваат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека немаат ништо против проекти кои ќе го поттикнат развојот на туризмот и економијата и дека се против само ако како последица на таквите проекти езерото и околината се урбанизираат, бетонизираат и деградираат.

OhridNews