„6 наставници и еден стручен соработник од ОУ Дебрца кои работеа на определено работно време, со договор за работа до 31-ви август, на  нечовечки и непрофесионален начин  беа информирани дека договорот нема да им биде продолжен, односно се избркани од работа. Се работи за наставници кои работаат 2 или повеќе години и во кои општината и државата вложиле средства за нивно воведување во работа-менторирање согласно закон и нивно стручно усовршување. На нивно место, се донесени нови неискусни наставници, исклучиво по партиски критериум. Каде е тука педагошкиот аспект, каде е човечкиот аспект, каде е професионализмот, а каде  финансискиот момент?  Каде е ветувањето дека нема да има одмазда по изборите и промената на градоначалникот? Кон ова треба да се додадат и прераспоредувањата на наставници и помошен  персонал од едно во друго училиште, мотивирани исклучиво од партиски реваншизам. Наставници кои повеќе од 25 години работеле во исти подрачни паралелки  се прераспоредени во други подрачни паралелки. Еден наставник, кој има судска пресуда да биде вратен на работа, под закани и заплашување од страна на директорот дека ќе биде повикана полиција  беше избркан од училиштето.“ – стои во соопштението на СДСМ Дебрца.

Во врска со пуштањето во употреба на училиштето во селото Волино, од СДСМ Дебрца велат дека Министерството за образование на наука не го испочитувало договрениот рок за изградба на објектот.

„Во село Волино свечено беше пуштено во употреба ново монтажно училиште кое за волја на вистината требаше да биде изградено уште пред две години. Бидејќи во вчерашната изјава градоначалникот Трајкоски прашува зошто училиштето не се изградило  уште пред две години, да го потсетиме дека и покрај исполнетите обврски од страна на општината Министерството за образование и наука е тоа што не го испочитува договорениот рок, 31.08.2011 за изградбата на училиштето, согласно со договорот за регулирање на меѓусебните односи при изградбата на монтажното училиште, кој е потпишан на ден 15.03.2011 година од тогашниот министер за образование и наука, Никола Тодоров и екс градоначалникот на општина Дебарца, Љупчо Којчиноски.“ – велат од СДСМ Дебрца во врска со пуштањето во употреба на училиштето во Волино.

Тие ја поздравуваат иницијативата на градоначалникот Трајкоски за доделување стипендии на талентирани ученици, но според СДСМ Дебрца критериумите за нивно добивање се партиски и роднински.

„На тој список  се ќерката на возачот на градоначалникот, ќерката на сестрата на градоначалникот, синот на советник од советничката листа на ВМРО ДПМНЕ, ученичка што на екстерното тестирање  доби оценка 1, деца на верни послушници на актуелната  општинска власт, така да  само неколку од нив го заслужуваат епитетот  талентирани. Крајно, навистина мораме да се согласиме со тврдењето на градоначалникот Трајкоски дека за неговите сто дена направи многу повеќе отколку претходната општинска власт за 16-те години. Подобри сте бидејќи станавте рекордер во партиски и роднински вработувања во општинската администрација и партиските чистки во јавното претпријатие и основното училиште. Од вашите ветени проекти не видовме ниту еден, освен финализација на неколкуте од вашиот претходник започнати проекти, за кои беа завршени  тендерските постапки и обезбедени финансиски средства.“ – стои во соопштението на СДСМ Дебрца.

OhridNews