Деновиве во образовниот систем на Општина Охрид се случи уште една тешка манипулација од страна на надлежните лица, само уште една во низата од многуте во последните 9 месеци, со која уште еднаш се покажа безидејноста, неподготвеноста и неспособноста на локалната власт од ВМРО- ДПМНЕ да ги менаџира потребите на учениците во училиштата, велат од општинската СДСМ.

Оттаму прашуваат зошто локалната власт и директорката на ОУ „Григор Прличев“ Охрид упорно ги лажат и манипулираат родителите од подрачното училиште ,според кои законски одредби ќе биде вработен наставник во тоа училиште од страна на локалната самоуправа, како тој наставник ќе ја изведува наставата и кој ќе се потпишува во одделенскиот дневник и на свидетелствата на крајот од учебната година.
– Согласност за вработувања сите училишта бараат пред почетокот на секоја учебна година од надлежното министерство. Нејасно е зошто ОУ „Григор Прличев“, доколку побарало таква согласност за паралелката во Рача, не ја добило од министерството, имајќи го во предвид фактот што сега и централната и локалната власт во Охрид се во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е само уште еден пример за тешките и несогледиви последици од самоволието на ВМРО- ДПМНЕ, кога во еден ден, пред почетокот на оваа учебна година, повеќе од 60 стручни и обучени наставници беа целосно неоправдано отстранети од воспитно-образовниот систем во општината, само поради политички реваншизам, велат од СДСМ.
Ги повикуваат инспекторите од просветниот и трудовиот инспекторат да им помогнат на родителите во Рача и како што велат, да го спречат самоволието на локалната власт и раководството на училиштето, за да не се случи учениците на крајот од оваа учебна година да добијат незаконски и нелегални свидетелства.
OhridNews












