Од 2000-та година наваму македонската економија била три пати во рецесија. Во сите три случаи на власт била ВМРО-ДПМНЕ, а задолжен за економијата бил Груевски, еднаш како министер за финансии, а два пати како премиер. Значи, рецесиите се обележје на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски. Затоа никој не е изненаден од вчерашниот податок на Државниот завод за статистика дека повторно сме во рецесија, велат од СДСМ.

-СДСМ за тоа зборуваше со месеци. Кога минатата година Владата на премиерот Груевски гордо и самоуверено им раскажуваше приказни на граѓаните дека македонската економија годинава ќе има раст од дури 4,5%, ние рековме дека тоа нема да се случи. Кога Владата со ребалансот ја намали проекцијата од 4,5% на 2,5%, рековме дека и тоа нема да се случи. За да се оствари ова предвидување на Владата, до крајот на годинава македонската економија треба да има раст од дури 6%, ама на сите ни е јасно дека тоа нема да се случи. Значи, работите повторно, по којзнае кој пат, дојдоа на она што го зборуваше СДСМ и логично е што  никој веќе не и верува на Владата кога зборува за економијата, исткана Зоран Јовановски на прес конференцијата што денеска се одржа во Скопје.

Според него случувањата во македонската економија се сериозно лоши и опасни, а пад има во индустријата, но и во градежништвото, пад има во трговијата, но и во сообраќајот.

Меѓутоа, она што најмногу загрижува е фактот дека, и покрај сите укажувања за тоа што ќе се случува со македонската економија, и покрај сите неповолни случувања, Владата на премиерот Груевски не промени ништо во своето однесување, таа продолжи  расипнички непродуктивно да троши и да ги задолжува граѓаните. Кога секое семејство во Република Македонија, сега во услови на економски проблеми, поскапувања, неизвесност, ги крати сите непотребни трошења, се однесува рационално, внимава на секој денар, зошто тоа што важи за секое семејство не важи за Владата на премиерот Груевски? Зошто семејствата се стегаат, а Владата се луксузира? Затоа што Владата го изгуби контактот со реалноста, таа живее во некој свој свет далеку од граѓаните и не се грижи за народот, туку само за своите партиски интереси, рече Јовановски.

OhridNews