Најодговорните лица во ДПМНЕ крајно грубо, неетички и непрофесионално се ставаат над законите на нашата држава. Како инаку да се протолкуваат и објаснат одредени партиските случувања и потези во Охрид, организирани од страна на ДПМНЕ, велат од опШтинската СДСМ.
Оттаму се осврнуваат на билбордите со ликот на градоначалникот, поставени во време на изборната кампања за последните локални избори, кои и по 11 месеци од завршувањето на изборите се уште можат да се видат низ градските улици. Од СДСМ потенцираат дека законот е јасен – сите рекламни материјали на политичките партии треба да бидат отстранети најдоцна 1 месец по завршувањето на изборите.

– Таквото рекламирање, покрај тоа што е незаконско, некој дебело го плаќа, со десетици илјади евра. Доколку никој не го плаќа, тогаш се работи за коруптивни дејства на локалната власт со приватни маркетинг фирми, за што надлежните органи и агенции во државата би требало многу сериозно да поведат сметка и да покренат соодветни постапки, велат од СДСМ.
 
Од СДСМ со обвинувања дека новата власт и по изминати 11 месеци за Охрид ништо конкретно не направила, односно дека не реализирала ниту еден проект.

– Но затоа сега, пред избори, се растрчаа да реновираат објекти, да санираат улици, да ревидираат проекти, да косат трева, да крпат дупки по коловозите, да асфалтираат улички по селата, да поправаат потпорни ѕидови, да расчистуваат мини депонии, да засадуваат зелени површини. Законските одредби од Изборниот законик и овде се јасни и недвосмислени – доколку носител на јавна функција започне изградба на било какви објекти со државни пари, без тие да бидат дел од развојна програма, ќе биде казнет со затвор од шест месеци до една година. Надлежните органи и институции во државава треба да ги испитаат градежните зафати и доследно да го применат овој законски пропис, за да биде спречена секаква злоупотреба и загрозување на регуларноста на изборниот процес од страна на општинските јавни служби и функционери, велат од ОО на СДСМ.
 
Од СДСМ со критика и за учеството на високите партиски и општествени функционери на ДПМНЕ во Охрид , меѓу кои и градоначалникот, секретарот на општината, претседателот на Совет, советниците, директорите на општинските јавни претпријатија, директорите на државните служби во Охрид и раководителите на сите државни и општински институции, на партиски состанок во локален партиски штаб, на сред чаршија.

– Законот за работни односи и нормите за почитување на работното време за најдоговорните во ДПМНЕ не важат – удирањето на картички е задолжително само за неистомислениците и за нив секојдневно се изрекуваат ригорозни парични казни, додаваат од СДСМ.

Оттаму велат дека наведените примери се само дел од списокот на незаконските активности на контото на локалната власт од ДПМНЕ, кој е долг.

OhridNews