На вечерашната седница, Централниот одбор на СДСМ едногласно ги прифати предлозите на раководството и Извршниот одбор на партијата за кандидати за министри и дополнителни заменици министри за составот на техничката Влада за организирање и спроведување избори.

Тоа се Оливер Спасовски, кандидат за министер за внатрешни работи, Фросина Ременски, кандидатка за министерка за труд и социјална политика, Кире Наумов, кандидат за дополнителен заменик министер за финансии, Александар Кирацовски, кандидат за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски, кандидат за дополнителен заменик министер за земјоделство, водостопанство и шумарство.

Централниот одбор ја прифати одлуката на Извршниот одбор за одржување тематски конгрес на партијата при крајот на овој месец, за отворање простор за широк фронт против режимот на Груевски и утврдување на приоритетите на идната демократска власт во Македонија, професионални и демократски институции што ќе работат во интерес на граѓаните, правично општество, економска и социјална стабилност на граѓаните и државата, независно судство, објективни медиуми…

На вечерашната седница, Централниот одбор едногласно одлучи нов член на ЦО на СДСМ да биде Мухамед Зекири, кој претходно соопшти дека се повлекува од новинарството.

OhridNews