Сакаме да му порачаме и на градоначалникот на Општина Дебарца Игор Трајкоски да престане своите фрустрации во недостиг на аргументирани одговори, да ги лечи со политички притисок врз претседателот на Општинската организација на СДСМ во Дебарца, Зоран Ногачески, кој е вработен во општината, потенцираа на денешната прес конференција членовите на Центарот за комуникации со јавност на оваа општинска организација.
-Со доаѓањето на новата општинска власт врз Претседателот на СДСМ во Дебрца, вработен како раководен државен службеник во општина Дебарца, со седумнаесетгодишно работно искуство во локалната самоуправа и несомнено еден од најстручните и најискусните државни службеници во општинската администрација, се врши невиден политички притисок и реваншизам кој претставува политичка дискриминација и мобинг, манифестиран преку негово прераспоредување, одземање на сите работни задачи, неоправдано оценување со пониски оценки, донесување на решенија за изрекување парична казна и укинување на додаток на плата за степен на кариера. Притисокот кулминира со неговото прераспоредување на работно место во месноста Сливовски Анови, на 15 километри од седиштето на општината, во регионот на Горна Дебрца, во канцеларија сместена во напуштената амбуланта за примарна здравствена заштита, без телефон и интернет конекција, сам, без работни обврски и прием на странки, реагираат од ОО на СДСМ од Дебрца.
Од таму нагласуваат дека со овие постапки, општинската власт врши флагрантно кршење на Законот за локалната самоуправа, Законот за државните службеници, одлуките на советот на општината и другите прописи кои ја уредуваат организацијата на општинската администрација.
-Ваквото постапување претставува пресметка со политички неистомисленик и дискриминација по основ на политичка припадност и изразување, класичен партиски реваншизам и политички примитивизам кој се манифестира со грубо кршење на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, загарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а првенствено повреда на правото на работа и слободата на политичко уверување и здружување и крајно, деградирање, понижување и нарушување на достоинството на државен службеник, обвинуваат од СДСМ.
Тие го осудуваат ваквото однесување на градоначалникот на општината и бараат да престане со незаконските и недемократски постапки.
-Во согласност со актите за внатрешна организација и систематизација на работните места во општината, бараме државниот службеник Зоран Ногачески да се врати на работа во седиштето на општинската администрација. Во спротивно, ќе ги искористиме сите демократски средства за спречување на политичкиот реваншизам, за што ќе бидат известени сите релевантни државни и други институции за заштита на човековите слободи и права, како и претставниците на Европската Унија и ОБСЕ во Македонија, нагласија од СДСМ.
OhridNews