Нерегуларностите на изборниот процес кулминираа во вториот круг, со тоа овие локални избори во целост се нерегуларни нефер и недемократски, оцени шефот на изборниот штаб на СДСМ, Игор Ивановски по затворањето на гласачките места, пренесува „Макфакс“.

„Евидентни беа сите можни нерегуларности кои можат да се замислат во полициско партиска држава, поткуп со пари, купување на гласови, присила на гласачи, организирано носење на гласачи со помош на државни возила и од страна на државни службеници. Како фрапантен податок е тоа што речиси без исклучок во тоа најмногу учествуваше полицијата. Понатаму класичните за ВМРО-ДПМНЕ бугарски возови преку изнесување и крадење на гласачки ливчиња, приведување на опозициска активисти, сликање на гласачки ливчиња, семејно гласање“ изјави Ивановски.

Тој обвинува дека во општината Центар се носеле фантомски гласачи од други градови во земјата, а најмногу од Пустец, Албанија и најави видео снимки од фантомските гласачи.

„Злоупотребите што беа направени во првиот круг не беа доволни па власта се одлучи да организира носење на фантомски гласачи од други градови во Македонија, а најмногу од соседна Албанија, Мала Преспа, со помош на државни институции и државни службеници. Специјалната единица „алфи“ со автобуси и возила ги носеа фантомските гласачи на гласачките места за што поседуваме и видео снимки“ рече Ивановски.

OhridNews
извор:„Макфакс“