Во изминатите 6 месеци од оваа година починале дури 82 новороденчиња на Клиниката за гинекологија и акушерство. Состојбата е алармантна, порачаа денес на прес конференција од СДСМ.

– Само во последните 2 недели починале 20 новороденчиња. Што е катастрофа за еден здравствен систем, за една држава, за нејзината иднина. Минстерот за здравство, кој го доби епитетот министер-смрт, лажно го фали здравството дека цвета, всушност здравството пропаѓа, а со тоа и здравјето на нашата популација тоне и е во тотален колапс. Бројката на починати новороденчиња е аларманта, новороденчињата во Република Македонија починуваат масовно. Министерот треба да излезе пред граѓаните со официјалната бројка којашто е должен да ја достави и до СЗО, но и пред сопствениот народ. Да каже отворено колку чинат животите на нашите малечки душички, рече на денешната прес конференција Ангелчо Андоновски од Комисијата за здравство на СДСМ.

Како што рече Андоновски, наведената бројка се должи на неспособноста на надлежните, партизираниот кадар, нефункционалниот систем, недоволниот број на доктори и некористењето на модернистички методи. Од СДСМ побараа оставка од министерот Тодоров.

OhridNews