„Повеќе од два месеци, Советот на Општина Охрид, сопствениците на бродовите и целокупната туристичка заедница, со заклучоци,барања,апели и молби се обидуваа да изнајдат решение за надминување на проблемот со забраната за пловење на бродовите во Охридското Езеро.
На сите тие иницијативи, министерот за транспорт и врски, со писмен документ упатен до Локалната самоуправа, децидно одговори дека сите се должни да го почитуваат Законот.Тоа значи дека , сакале или не, сопствениците на бродовите се должни да ја спроведат законската процедура за класификација, регистрација и технички преглед на нивните бродови, пропишана од избраната стручна институција Биро Веритас.
А, со оглед на фактот што станува збор за скапа, долга и комплексна техничка и административна процедура, бродовите ќе бидат подготвени да запловат дури во наредната туристичка сезона, односно наредното лето.
И по ваквото децидно укажување од страна на министерот, се случи бродот Галеб, во екпресно краток рок, преку ноќ, за така долга и комплицирана техничка процедура, да добие дозвола за пловење.
Јавно го прашуваме министерот за транспорт и врски, господинот Миле Јанакиески, да и објасни на охридската и македонската јавност како беше можно и која беше причината за селективното издавање дозвола за пловење само на еден брод?
Дали навистина дозволата е издадена за свадба на блиски пријатели на Премиерот Никола Груески?
Дали ова е принципиелниот став и децидното почитување на законската регулатива?
Почитуван господине Јанакиески, ако ова е навистина така, а така е, тогаш, ова не е ништо друго, туку продолжување на арогантното, апсолутистичко и деспотско владеење на ВМРО-ДПМНЕ.“ – се вели во соопштените на О.О. СДСМ – Охрид.
СДСМ: Јанакиески да објасни како „Галеб“ доби дозвола за пловидба
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com