СДСМ нема да оди на локалните избори закажани за март годинава, а ќе ги вратат и мандатите, соопшти денес  Андреј Петров, секретар на партија, по карванот со автомобили организиран низ Скопје.

По информацијата на владеачката партија дека нема да има предвремени парламентарни избори, СДСМ останува на ставот дека нема да излезат на локални избори.

– Апсолутно нема да одиме на локални избори, нема да се вратиме во парламентот, ќе ги вратиме мандатите, а целокупната одговорност за продлабочување на политичката криза, која е  најголема во последните десет години, ќе оди на контото на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, рече Петров.

Додаде дека не го посакуваат тоа, но немаат намера да прифатат ултиматум од страна на Никола Груевски.

– Мислам дека се помали се шансите да се надмине оваа криза, поради тоа што не постои спремност од другата страна за разговор, за дијалог, нешто што би значело и уважување и на другата страна. Уште еднаш би го повторил тоа што го реков по повод изјавата на амбасадорот Аиво Орав:  Оној кој што верува дека само со комисија за утврдување на инцидентот, ќе се реши политиката криза, тој или е наивен или пак нема доволно аргументи на маса, рече Петров.

На изјавата на Андреј Петров реагираа од владејачката партија, оценувајќи ја како непромислена и навредувачка кон бранителите од 2001 година, алудирајќи на зборовите на Петров кога вели дека оваа криза е најголема во последните десет години.

– Во 2001-та имаше вооружен меѓуетнички конфликт, во кој луѓе гинеа за одбрана на државата. Да се поистоветува тој вооружен конфликт со политичката криза која се обидува да ја создаде Бранко Црвенковски, а чиј соучесник е Андреј Петров е ниско и надвор од разумот. Да се поистоветуваат бранителите со Јани Макрадули, со Весна Бендевска, со Радмила Шеќеринска и Бранко Црвенковски е најголема навреда што СДСМ можеше да ја смисли“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews
Макфакс