СДСМ ќе оди на втор круг од локалните избори 2013, а до ДИК поднесени се најмалку 350 приговори за нерегуларности на денот на изборите, пренесува „Макфакс“.
„Сојузот за иднината ќе учествува во вториот круг на локалните избори и ќе ја бара подршката од граѓаните за своите кандидати. На 7 април гласањето почнува од нула и ќе сториме се што е во наша моќ да не се повторат изборните нерегуларности од првиот круг на гласање.“ – истакна Игор Ивановски, шеф на изборниот штаб на СДСМ.
Ивановски констатира дека како никогаш до сега врз нивните претставници и контролори во избирачките одбори е вршен невиден притисок за да не поднесуваат забелешки на процесот.
„Проблем број 1, кој ја фрла најголемата дамка на изборниот резултат се манипулациите во Избирачкиот список за кој најголемата одговорност е во политичкото раководство на МВР. Затоа, ова мора до крај да се расчисти низ правни и судски процедури и постапки.“ – рече Ивановски.
Тој додаде дека наишле на примери каде на одредени лица им било ускратено правото на гласање затоа што некој претходно гласал во нивно име, откриени масовни случаи на лица кои претходно биле запишани во Избирачкиот список и поседуваат важечки биометриски исправи, а кои на денот на изборите на избирачките места симптоматично ги немало во извадоците на списокот, иако претходно сториле увид.
„За голем дел од овие случаи, освен приговори и претставки до ДИК, ќе поднесеме и кривични пријави затоа што сме убедени дека политичкото раководство на МВР тоа нема да го стори.“ – рече Ивановски.
OhridNews
извор: „Макфакс“