Под два услова СДСМ ќе учествува на преговорите во Виена во петок- доколку Претседателот Ѓорге Иванов ги повлече сите одлуки за помилување на политичарите и доколку се свика Собранието за да се повлече одлуката за одржување предвремени парламентарни избори на 5-ти јуни. Како што појасни лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес конференција, доколку овие услови не се исполнат, тие нема зошто да одат на преговори во Виена, на покана на тројцата европратеници и еврокомесрарто Јоханес Хан.  

Тој рече дека ја почитуваат иницијативата на европратениците и на комесарот Хан, но дека без исполнување на двата услови е беспредметно да учествуваат затоа што од Договорот од Пржино остварено е само враќање на опозицијата во Собрание, престанок на објавувањето на снимките од нелегално прислушуваните телефонски разговори и предавањето на истите во Специјалното јавно обвинителство.

СДСМ, коалицијата и потписниците на Коалицијата за демократска Македонија ги делат истите вредности со граѓаните кои на улица веќе една недела го изразуваат своето незадоволство од власта, рече Заев.

Тој повторно порача дека избори ќе има, но регуларни, фер и демократски и дека немаат проедрасуди каков формат на влада би ги спровела изборите, макар и со широка коалиција или експертска влада.

OhridNews
извор Макфакс