Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на 30 јуни ќе одржи вонреден конгрес, на кој според најавите на лидерот Зоран Заев, ќе бидат конституирани раководните тела и органи на партијата. Новина е и тоа што партијата за прв пат ќе добие заменик претседател.

-Дел од имињата се објавени, знаете дека Радмила Шекеринска ќе биде заменик претседател на партијата, и тоа во многу скоро време ќе биде дефинирано на Конгрес. Денес ќе предложам до Централниот одбор на 30 јуни да закажеме нов Конгрес на партијата. Не само заради ова, туку пред се за статутарните промени во партијата, од организационо – оперативен аспект. Сакаме брзо да делуваме, сакаме брзо да носиме одлуки. СДСМ е вреден за нашата Македонија, ако биде силен, надежен, перспективен, кадровски екипиран, со јасна и кристално чиста политичка платформа. Токму од тие причини, пред летните одмори, сакаме да завршиме со најкрупните внатрепартиски работи во СДСМ. Вечерва  е свикан Централниот одбор, каде што согласно Статутот, го имам правото на овластен предлагач на идното раководство на партијата. Во таа насока ќе предложам Секретар на партијата, Претседавач на Централниот одбор, која е многу значајна и силна позиција во СДСМ, а ќе ги предложам и потпретседателите на партијата и новиот Извршен одбор. За имињата сакам да дебатирам со сите членови на централниот одбор. Тука ќе бидат тие луѓе за кои ќе дебатираме сите заедно, јас ќе излезам со свој предлог, но сакам по пат на дебата да извлечам максимална мудрост од сите членови на ЦО и сите кои што ќе бидат присутни на состанокот вечерва, за да го избереме најдобриот тим.-изјави Заев.

OhridNews