Опозициската СДСМ ќе поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластувања против членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, пренесува „Макфакс“.
„Членовите на комисијата кои се платени со парите на сите граѓани и земаат високи плати, единствено се машина за производство на лаги наменети за оцрнување на сите оние кои ќе го срушат од власт Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ“ изјави Андреј Петров, генерален секретар на СДСМ за кого ДКСК поднесе иницијатива за кривично гонење на Петров.
Како потврда дека СДСМ работи согласно законот, Петров наведува дека од 6 до 28 октомври минатата година во СДСМ престојувал ревизорски тим од Државниот завод за ревизија во редовна контрола на финансиското работење и била прегледана целата документација на партијата од предвремените избори.
Државниот завод за ревизија изготвил позитивен извештај за кампањата на СДСМ не било најдено ништо спорно и незаконско. Овој ревизорски извештај ќе и беде доставен на јавноста за 20 дена.
„За жал ни денес не чувме ниту еден збор за кампањата на ВМРО ДПМНЕ и огромната дупка од 3 милиони евра без никакво покритие. Овие средства се легнати на сметката на ВМРО ДПМНЕ на 28 октомври 2011 година. Ова значи дека изборната сметка на ВМРО ДПМНЕ мора да е веќе затворена, а дупката од 3 милиони евра е сеуште отворена и нема никаква законска можност сега да има покритие за средствата“ вели Петров.
Иницијативата на ДКСК за поведување на прекршочна постапка за претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, Петров ја нарече тотална глупост.
„Каква врска има имот од далечната 1979 година со било какво сомневање во 2011 година. Впрочем, тогаш Бранко Црвенковски бил трета година гимназија. Да имаше тука некаков случај Груевски и ВМРО ДПМНЕ немаше да се симнат од ТВ екраните. Но, како што гледате и оваа афера е за еднократна употреба со цел да се оцрни Бранко Црвенковски и неговото семејство“ рече Петров.
извор: „Макфакс“












