Социјалдемократскиот сојуз го прифаќа предизвикот и ќе учествува на претседателските и на парламентарните избори, изјавија денес од централата на партијата.

– Ќе им дадеме можност на граѓаните да го казнат неодговорното и расипничко владеење на досегашната владина коалиција. Истовремено на граѓаните ќе им ја отвориме вратата кон подобра иднина, нудејќи им ја нашата визија и програма. Нашата цел е учество на фер и демократски избори, рече на денешната прес конференција Рената Тренеска Дескоска, член на ИО на СДСМ.

Таа потенцира дека  Изборниот законик не предвидува решенија за ситуацијата која ја создала владејачката коалиција со совпаѓањето на парламентарните со вториот круг на претседателските избори.

– Заради јасни правила на игра во текот на изборниот процес, заради доследно почитување на Изборниот законик и избегнување на ситуација на хаос и импровизација, бараме Владата веднаш да предложи измени на Изборниот законик.Со овие измени ќе се отстранат конфликтните ситуации кои се создаваат со истовременото одржување на двата вида избори на 27 април. Јасните правила на игра и правно разрешените конфликти се претпоставка за фер избори, додаде Дескоска.

Од СДСМ меѓудругото, бараат да се реши како што велат, проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, законско решение на проблемот со почитувањето на роковите за предизборна кампања, да се реши и прашањето за медиумското претставување.

OhridNews