Голем број од проектите кои Охридската локална самоуправа ги имала планирано за текот на 2013 година останале нереализирани, реагираa денеска од Општинската организација на СДСМ од Охрид. Од таму потенцираат дека во Програмата за Детска заштита, дел од предвидените ставки што не биле реализирани во текот на минатата година, сега повторно се внесени  во програмата за 2014 година.

-Помпезно најавуваниот проект пред локалните избори ,,Работење на детската градинка во две смени”, како да исчезна, како да го снема, но ние не го заборавивме, иако остана целосно нереализиран и надвор од развојната програма, велат од СДСМ. Тие нагласија дека нереализирани останале и проектите за доградба на Централната детска градинка, како и за промена на електричната инсталација, реконструкцијата на санитарните чворови и замена на надворешната столарија во уште неколку објекти на градинката

Од СДСМ информираат дека од делот за Култура, во декември целосно биле избришани ставките за поддршка на естрадни уметници и за поддршка на Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура. Исто така од таму имаат забелешка и на нереализираните ставки од Програмата за Образование кои се однесуваат на реконструкции, поправки, доградби и санации во неколку основни и средни училишта во Општина Охрид.

-Сите нереализирани ставки се префрлени во новата Програма за образование 2014 година. Во отчетот градоначалникот само се напоменува дека се посветил на стабилизација на финансиските проблеми на училиштата, а не наведува дека тие се тековни финансиски  проблеми, за плаќање на сметки за струја, вода, комунални такси, неисплатени отпремнини по основ на тужби на пензионирани наставници, побарувања за неисплатени обврски за нафта за греење, и др., кои се покриваат со наменски блок-дотации, исплатени од буџетот на РМ, појаснуваат од СДСМ, потенцирајќи дека  избришани ставки имало и во Програмата за Социјална заштита, односно мерките за Бесплатни курсеви за учење на аглиски и германски јазик и Стипендирање на млади кои припаѓаат на социјално загрозени семејства.

OhridNews