Со организирањето на контра-протести ВМРО-ДПМНЕ го призна изборниот грабеж и призна дека стои зад иницијативата до Уставниот суд. Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, фатени на дело во своите манипулации со охриѓани се повеќе навлегуваат во лаги и бројни лажни ветувања, велат од општинската СДСМ.

– Искажувајќи невистини и  користејќи потценувачки однос, сакаат да сокријат колку нивните манипулации наликуваат на целокупниот амбиент кој десетина години во целата држава го креира Никола Груевски и врхушката на ВМРО-ДПМНЕ. По бројните реакции на граѓаните за случувањата во врска со мобилизација на нивното членство за учество на контра-протестите и заканите за присуство испратени по СМС пораки, прашуваме: Зошто отсуствуваа од работа поголем дел од новопримените во општинската администрација на 16.03.2016 година? Зашто на истиот овој ден низ општинската администрација не помина списокот со вработени на којшто вработените во Општина Охрид секојдневно се потпишуваа? Каде беа раководителите на секторите, функционерите и  директорите на јавните претпријатија, училиштата, детската градинка, здравствените институции во градов?, прашуваат од ОО на СДСМ.
 
Оттаму додаваат дека свесни за изгубената поддршка кај граѓаните, во страв од соочување со одговроноста за изборниот криминал ВМРО-ДПМНЕ  во Охрид повторно ја злоупотребила локалната власт и државните институции за партиски цели, за кои злоупотреби мора да следуваат соодветни законски постапки.
Наспроти ваквите обвинувања секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески вели дека полнењето на автобуси со вработени од образовните и државните институции за митинзи е минато свршено време.

– За разлика од нив кои единствено успеаја да ги изманипулираат децата организирајќи ги преку некакви пленуми со цел да ги извадат надвор од настава за дневно политички поени, сите не сме исти и не сите политички партии во Македонија имаат потреба партиските автобуси за митинзи да ги полнат со вработени во образованието или државните институции. Тоа е минато свршено време и СДСМ најдобро знае како тоа се прави и затоа впрочем секогаш тоа и го споделува. Не е така одамна кога граѓаните на Охрид, вработените во локалната самоуправа, вработените во јавните претпријатија и во образовните институции беа приморани да заминуваат на партиски митинзи, организирани од тогашната власт при тоа во определени јавни претпријатија беа приморани со списоци да мачкаат лепчиња со маргарин, подготвувајќи се да одат на митинзи, вели Спасески.

Додава дека тоа за Охрид е завршено време и дека општината оди напред и дека се смешни се сите констатации од страна на опозициската СДСМ.

OhridNews