ВМРО-ДПМНЕ е автор и симбол на кризите, насилството, конфликтите и меѓуетничките поделби, политики коишто се единственото наследство што таа партија им го остави на граѓаните и општеството, возврати СДСМ на обвинувањата што на адреса на владејачката партија денеска ги упати лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски.
-Граѓаните се поголеми и посилни од поделбите. Македонија веќе расчисти со поделбите на ВМРО-ДПМНЕ и затоа опозициската партија мора да престане да предизвикува насилство и да се откаже од организирање протести кои шират говор на омраза кон поддржувачите на концептот едно општество, односно кон мнозинството граѓани во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ зад себе остави заробена и уништена држава, а она што партијата на Христијан Мицкоски го уништи во 11 години владеење, Владата предводена од СДСМ секојдневно го санира овие 10 месеци. Тоа го покажуваат и економските параметри коишто ги гледаат сите освен ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Зголемената минимална плата, решавањето на статусот на стечајчците, подобрениот кредитен рејтинг, растот на индустриското производство, намалување на невработеноста се само дел од економските показатели коишто ги потврдуваат успешните економски политики на Владата предводена од СДСМ. – стои во соопштението на СДСМ.
Владејачката партија му порача на Христијан Мицкоски дека треба да отиде во секој град и секое село, да тропне на секоја врата, да ги види штетите од 11 годишното криминално владеење на неговата партија и даму се извини на секое семејство за пустошот што го направија.
– Лицемерно и несериозно е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за заробена држава, бидејќи Македонија со години беше карактеризирана како заробена држава токму поради нивното криминално владеење. СДСМ, заедно со мнозинството граѓани ја ослободи заробената држава, а слободата дојде за сите подеднакво, како за либералите и демократите, така и за конзервативците и националистите. ВМРО-ДПМНЕ е партија заглавена во национализам и поделби. ВМРО-ДПМНЕ не може да функционира во услови на слобода, и затоа и мора да се одважи и да го ослободи своето членство да учествува во демократските процеси. Мицкоски треба да и се извини на Македонија за тоа што ВМРО-ДПМНЕ ја однесе државата во колапс и во кавга со целиот демократски свет. – велат од СДСМ.
OhridNews