Членовите на Советот на Урбаната заедница Воска 4 доставиле барање до единицата на локалната самоуправа, со допис бр. 3-4-6, во кое се содржат приоритетите на жителите на овој дел од градот, како неопходни инвестициски зафати што треба да бидат реализирани во 2014 година. Мегу другото, луѓето побарале градежно и хортикултурно средување на празниот и неискористен земјен простор помеѓу зградите, на ул.„Трајче Трајчески“ – Сатеска. Со оглед на фактот што ништо не било преземено, жителите од оваа урбана заедница контактирале со надлежните лица од Одделението за комунален развој во локалната самоуправа. По извесно време, на тоа место биле донесени и растоварени неколку камиони земја, без да бидат преземени и реализирани било какви градежни или хортикултурни активности, истакнаа од ОО СДСМ Охрид на денешната прес- конференција.
Тие реагираат дека местото е претворено во депонија, каде што се одлага градежн шут и многу други отпадни материјали.
„Жителите на оваа урбана заедница се немоќни, затоа што наместо уредена зелена површина, оплемената хортикултурно и со други соодветни рекреативни содржини, тие под своите домови добија мини депонија, каде што се одлага градежен шут и отпад. Овој проблем посебно се однесува на најмладите од околните згради, кои секојдневно играат и се движат низ ѓубре и градежен шут, наместо тоа да го прават на уредена, оплеменета и еколошки чиста површина. Им укажуваме на надлежните служби во локалната самоуправа дека на овој начин не се реализираат ветените проекти, на овој начин не се реализираат ветените развојни програми.“ – реагираат од општинската СДСМ.
Оттаму велат дека ОО СДСМ Охрид нема да подлегнува на ниските провокации за кои ДПМНЕ шпекулира деновиве.
„Имено СДСМ отсекогаш имал коректни односи со сите редакции, новинари и фоторепортери од Охрид, не вршејќи притоа никакви притисоци, закани и уцени или било какво девалвирање на новинарската професија. Тоа се препознатли методи на ДПМНЕ. Впрочем во времето на владеењето на СДСМ до 2006 година слободата на медиумите во Македонија беше рангирана на 36 место, а сега во времето на ДПМНЕ Македонија е на дното на светската ранг листа на 123 место. Во времето на СДСМ не беше затворен ниту еден медиум, не беше уапсен ниту еден новинар, кога ДПМНЕ владее се затвораат медиуми и се апсат новинари. Состојбата со новинарството во Македонија е алармантно загрижувачка како што констатираат странските аналитичари, а 80 осто од новинарите на последната анкета кажуваат дека состојбите во новинарството се влошуваат а половината од нив биле соочени со некаков вид на цензура.“ – велат од СДСМ Охрид.
Како што потенцираа од ОО СДСМ Охрид во врска со нападите за недомаќинско и несовесно работење на локалните јавни претпријатија во времето на СДСМ, тоа претставувало само уште еден неуспешен обид да му се припишат на СДСМ туѓи гревови поради нестручното раководење со општинските јавни претпријатија во времето на ДПМНЕ во периодот од 1995 до 2005 година.
„И уште едно потсетување, доколку во ДПМНЕ заборавиле: СДСМ во 2013 година ги изгуби локалните избори во Охрид по 8 години владеење со локалната самоуправа. Мнозинството од граѓаните на Охрид довербата му ја даде на ДПМНЕ. СДСМ ја понесе одговорноста, стана опозиција, а со тоа престана обврската да дава одговори на поставени прашања бидејки доколку се работело незаконски, недомаќински и несовесно, за тоа постојат соодветни органи на прогон, што се должни да постапат во согласност со законите, а не на прес конференции да се шират невистини и манипулации. Од друга страна, сега, според сите правила на демократијата, прашања поставува опозицијата, а одговори дава власта.“ – истакнаa од ОО СДСМ Охрид на денешната прес-конференција.
OhridNews