Општинската организација на СДСМ од Охрид, преку соопштение им порача на членовите на ВМРО-ДПМНЕ дека е крајно време да престанат да се занимаваат со минатото и да започнат да размислуваат за иднината.

-Вашите прес конференции веќе се депласирани и личат една на друга, како јајце на јајце. СДСМ зборува преку силата на аргументите и фактите, односно нереализираните проекти во сферата на детската заштита, културата и образованието во општината. Токму затоа СДСМ повторно прашува-Зошто не ги реализиравте во изминатиот период, кога тоа им го ветивте на граѓаните на Охрид во Вашата изборна програма на локалните избори? Тоа се прашања кои произлегуваат токму од отчетот за (не)сработеното на градоначалникот и локалната власт, која Вие ја практицирате, пишуваат од СДСМ.
 
Оттаму потенцираат дека на завчерашниот прес на ВМРО не била спомената ниту една буква за нереализираните проекти за кои  јавноста чека одговори.

-И секогаш кога не сакате да зборувате за фактите во сегашноста, кога бегате од вистината и кога немате одговор за поставените прашања, тогаш милувате да се повикате на минатото. И да барате алиби во поранешната градска власт, во наводниот „пустош и уништување“. До кога?! Сепак, кога минатото Ви е омилена тема, објаснете и‘ на јавноста што направи за Охрид централната власт на ДПМНЕ, за време на владеењето на СДСМ како локална власт? Осум години ниту еден клинец не закова, ниту еден проект не започна, ниту еден кредит не одобри, ниту еден план не спроведе, ниту еден реален денар не инвестира, ниту било каква помош не овозможи за Охрид. Осум години сите граѓани на Охрид беа заложници на суровата пресметка на централната, со локалната власт. И сега, кога ја добивте довербата од граѓаните за локална власт, повторно само ветувања за иднината. Отчетот треба да е реален приказ на оствареното и реализираното, а не список на желби и нови ветувања, велат членовите на СДСМ.

Тие ја повикуваат Локалната власт да објави прецизна спецификација на долговите на општината, за тоа од кога датираат, од кој градоначалник се направени, за какви инвестиции станува збор и која е нивната поодделна вредност.

-Вашата сериозност и посветеност на реализацијата на развојните проекти на локалната самоуправа во минатата година најдобро се виде на дело на завчерашната седница на Советот на општина Охрид-кога дури ни членовите од Вашето советничко мнозинство не ги поддржаа неквалитетните, несоодветни, нецелосни и крајно непрофесионално изработени годишни извештаи од сферата на јавните комунални дејности, потенцираат од СДСМ и додаваат дека на оваа власт не и била успешна ни намерата да се сокрие во извештајот на промашениот ребаланс на буџетот, што бил направен во јуни 2013 година.

OhridNews