Недомаќинското и неодговорно работење на градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Бакрачески се повеќе доаѓа до израз.Се што во својот мандат вети Бакрачески, ништо не исполни, велат од советничката група на СДСМ.

– Го нема ветениот Дом за стари лица, нема затворен Градски пазар, нема откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи, нема индустриска зона во Мауцхер. Индустриската зона Охрид – Струга, која спектакуларно беше отворена од Никола Груевски плива во вода.Нема ниту домашни, ниту странски инвестиции во Охрид.Проектот за модернизација, проширување и одржување на системот за јавното осветлување наместо општина Охрид да стопанисува и да заработува 5 милиони евра во од овој проект, Никола Груевски го препушти на сомнителна приватна компанија. Зошто Општина Охрид не стопанисува со овој проект? Која е таа компанија и чии бизнис интереси се штитат преку неа?, праша на денешната прес конференција координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.
 
Тој додаде дека граѓаните се сведоци за исклучително лошото осветлување во градот, а дека бројките покажале дека во 2015 година не е остварена потребната заштеда од 40%, колку што била обврската според договорот со приватниот партнер.

– Малку им е на господата од ДПМНЕ што не знаат да заработуваат од исплатливи проекти, па уште се дрзнуваат дополнително да ги задолжуваат граѓаните на општина Охрид, со кредити од Светска банка во износ од 2 милиони евра. Барем да се задолжуваме како граѓани за капитални проекти, кои ќе овозможат и враќање на кредитите. Ама не, во нивни стил, парите се потрошени за кружни текови како да ни беа најпотребното нешто. Нека знаат граѓаните дека за кружниот тек на пресекот на улиците „Бистрица“ и булевар „Туристичка“ се потрошени околу 100.000 евра, а за кружниот тек кај Охридска банка 200.000 евра, рече Стојаноски.
 
Потенцира дека општината нема сообраќајна студија, ниту елаборат за сообраќајната издржливост на кружните текови, со кои би можел да се виде и докаже ефектот од нивната изградба.

OhridNews