Власта ја води државата во погрешна насока, е оценката на Советот на основачи на СДСМ, по одржаната седница во сабота.

„Владината коалиција се покажа неспособна да се справи со натрупаните социо-економски проблеми, рекордната невработеност и сиромаштија. Од друга страна загрозени се меѓуетничките односи и нарушена е меѓународната позиција на државата. Дополнително, власта не само што не ги решава проблемите, туку придонесува и за нивно продлабочување преку секојдневното кршење на принципите на уставност и законитост, корупција во институциите и гушење на демократијата“, велат од СДСМ.

За промена на состојбите, сугерираат од СДСМ, неизбежно е обединување на целокупниот опозициски потенцијал –  поединци, НВО, синдикати, здруженија на граѓани и политички субјекти кои се незадоволни од политиките на оваа власт.

ВМРО-ДПМНЕ: Искомпромитирани и стари транзициски кадри во СДСМ

Луѓе кои што се докажале веќе еднаш дека незнаат како да раководат и направиле огромен број на злоупотреби, нечесно е повторно да се борат за подршка и власт по трет пат, велат од ВМРО-ДПМНЕ по повикот на Советот на основачи на СДСМ за обединување на опозицијата.

Во имињата на Ѓунер Исмаил, Илинка Митрева, Никола Поповски, Људмил Спасов, Мирослав Грчев, Благоја Стефановски, Никола Ќуркчиев, Томе Тромбев, Софија Тодорова и Александар Гештакоски препознаваат искомпромитирани и стари транзициски кадри.

„Сите овие кадри на секој граѓанин му се познати уште од времето на криминалната транзиција која заедно ја спроведоа со Бранко Црвенковски. Ова се луѓе кои не само што загубиле на избори повеќепати туку и докажале дека се неспособни за чесна работа.

Што друго и да направи СДСМ, а ако и понатаму ги задржува овие луѓе кои се дваесет години на македонската политичка сцена ќе остане истата нереформирана партија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по оценките на советот на опозициската партија дека власта ја води државата во погрешна насока.

OhridNews
извор: „Макфакс“