СДСМ нема да излезе на втор круг од локалните избори, доколку не се расчистат нерегуларностите евидентирани од првиот круг гласање, а нивната цел се предвремени партиски избори, порача лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на последната прес-конференција во 1 часот по полноќ, пренесува „Макфакс“.

„Овие избори беа сѐ друго само не фер и демократски избори. Бевме сведоци, во целиот изминат период, на невидени закани, уцени и притисоци, на нерегуларности во Избирачкиот список, на злоупотреба на буџетските средства, на злоупотреба на државните институции, на еден, не медиумски мрак, туку медиумска тортура, којашто се спроведуваше во Македонија, кон граѓаните на оваа земја”, рече Црвенковски.

Порача дека сите евидентирани нерегуларности треба да се расчистат, а ако тоа не се случи, нема да излезат на втор круг избори, што треба да се случи по две недели.

„Сакам јасно да порачам дека сите нерегуларности кои беа евидентирани или допрва ќе бидат евидентирани додека не се расчистат, за нас сите опции се отворени, вклучително и неучество на вториот круг на овие локални избори”, рече Црвенковски.

Според него, поддршката која ја добиле од граѓаните и покрај сите притисоци им е обврска да се изборат за предвремени парламентарни избори, на кои би ја смениле сегашната власт, а за таа цел најави и продолжување на отпорот.

„Во исто време, поддршката којашто ја добивме од граѓаните во еден ваков тоталитарен и недемократски амбиент е толку голема што нам ни дава, сила, волја, желба, но ни создава и обврска , битката што заедно ја почнавме да ја продолжиме. Отпорот продолжува понатаму, нашата цел се предвремени парламентарни избори и конечна победа над овој партиско-полициски режим на Никола Груевски. Значи, одиме до крај, одиме до конечна победа”, рече Црвенковски.

Им се заблагодари и им честита на сите, што се охрадбриле, што се одважиле и што се осмелиле и го дале својот глас за опозицијата.

OhridNews
извор:„Макфакс“