Во секоја нормална држава опозицијата прашува и бара отчет, а власта дава одговори и поднесува отчет за сработеното. Но, овде работите се наопаку, затоа што ДПМНЕ од Охрид нема што да каже за сработеното. Затоа што ништо не е сработено од тоа што беше ветено со изборната програма на ДПМНЕ за последните локални избори, рече на денешната прес конференција Христина Гоговска, раководител на центарот за комуникации при општинската СДСМ.

Таа потенцира дека СДСМ од Охрид упорно бара од ВМРО-ДПМНЕ да и‘ одговори на охридската јавност што е направено и реализирано од ветеното од страна на актуелната општинска власт, а ДПМНЕ од Охрид и понатаму зборува само за поранешната општинска власт. При тоа, Гоговска додаде дека СДСМ е одговорна политичка партија и затоа, за разлика од ДПМНЕ, ќе одговори на поставените прашања .

– СДСМ целосно ја понесе одговорноста со тоа што ја изгуби локалната власт минатата година, и крајно е депласирано се’ уште да зборувате за делата, проектите и резултатите во минатото. За зголемувањето на пензиите мислиме дека е одлична мерка, доколку не се работеше за класична предизборна манипулација – Владата на ДПМНЕ прво го укина порамнувањето на пензиите, што законски им следеше на пензионерите, па тие 600 денари, што и така ќе ги добиеја пензионерите по сила на закон, сега, пред избори, се обидувате да ги прикажете како посебна мерка. Зголемувањето на платите на администрацијата, исто така мислиме дека е одлична мерка, доколку не се работеше за уште една тешка предизборна манипулација – уште во 2009 година, предизборно, се донесе закон со кој платите на администрацијата требаше да растат за 10% годишно, но потоа Владата донесе измени во законот и администрацијата цели 4 години не доби ни денар од тоа што и’ следуваше,рече Гоговска.

Како политички предизборен маркетинг Гоговска го наведе и вработувањето на ранливите категории граѓани.

– Дали за СДСМ значи нешто фактот што според ЕК Македонија има втор најголем раст на БДП во Европа, еве веднаш ќе ви одговориме – НЕ ЗНАЧИ НИШТО!!! А знаете зошто? Затоа што на народот тоа не му значи ништо. Народот во Македонија во последните 8 години секој ден е се‘ посиромашен, секојдневно му се влошува животниот стандард, секојдневно се иселува од нашата држава и бара подобра иднина во странство, и секојдневно се’ потешко и потешко врзува крај со крај, рече Гоговска.

Таа потенцира дека поранешната локална власт вработила 1170 луѓе, без да избрка или без да отстрани од работа ниту еден граѓанин, додека новата власт иако ветила дека нема да брка никого од работа, колку луѓе што ангажирала , толку луѓе отстранила од нивните работни места. Гоговска побара локалната власт да излезе пред јавноста, како што рече, со точна и прецизна спецификација за долговите на Општина Охрид – кој долг колку изнесува, од кога датира, за каква инвестиција е направен, и кога е направен.

OhridNews