Креаторите на најголемите беда и сиромаштија на граѓаните досега, Груевски и Ставрески, на најлицемерен начин ја искористија социјалата за да згрижат партиски послушници, обвини денеска опозициската СДСМ. Партијата бара директно објаснување од Груевски, Ставрески и Ивановски за, како што го нарекоа, скандалот со вработувањата во Македонски шуми преку владиното ЛОТО ШОУ.
„Како се случи компјутерот да извлече вработувања за најголем број членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ? Нивни сопружници, роднини или пријатели? Највисоко бодувани како лица без приходи, кои на овој начин добиваат државна работа, а се членови на семејства со плати, ниви, станови и автомобили? Или како меѓу вработените во категоријата самохрани родители, се најдоа бројни примери на лица без деца? Или лица кои не постојат? Затоа ли е недостапен списокот на бодувани и соодветно на тоа вработени во Јавното претпријатие Македонски шуми?
СДСМ бара одговори:
Дали од општина Кичево, според овие податоци, од 88-мина примени, 59-мина се од коалицијата на власт. Од нив 25 -мина се приврзаници на Груевски?
Според податоците до кои може да се дојде од теренот, меѓу нив, во групата долгорочно невработени, е вработен, од ВМРО-ДПМНЕ, чиј татко има германска пензија, а сопругата му работи во основно училиште. Вработена е и сопруга на екс функционер од ВМРО-ДПМНЕ, сега вработен во РЕК Осломеј.
И од Гевгелија, најголем дел од избраните кандидати се членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Биле информирани дека ќе бидат избрани пред да биде направен изборот. Едни од нив се татко и син. Од исто семесјтво. Двајцата се вработени, според различни критериуми. Во друг случај, се вработени брат и сестра, според ист критериум!
Од Делчево меѓу примените се добро ситуирани активисти на ВМРО – ДПМНЕ. Работно место добил сопругот на сегашната директорка на Градската библиотека Делчево. Братот на еден од кандидатите за претседател на огранокот на ВМРО – ДПМНЕ, корисник на грант од Агенцијата за вработување.
Од Струмица се вработени повеќемина приврзаници на ВМРО – ДПМНЕ. Лице што работи во приватна фирма, брат на функционерка во СВР.
Интересно, голем дел од луѓето кои добиле работа, не постојат! Такви имиња едноставно не постојат!“-рече Хари Локвенец, член на ИО на СДСМ.
На прозивките одговори премиерот Груевски.
Во врска со вработувањата на 1.600 лица од социјално загрозените категории, премиерот Никола Груевски денес го отфрли ставот на неколку медиуми кој го нарекоа системот лотариски.
„Системот нема никаква врска со лотарија. За избор на овие 1.600 лица беше креиран компјутерски софтвер кој ги извади резултатите во зависност од критериумите“, изјави Груевски.
Премиерот објасни дека овие 1.600 лица се избрани според нивното рангирање по пропишаните критериуми.
Во врска со наводите во некои медиуми дека некои од лицата сметаат дека изборот е наместен, Груевски со став дека во целата оваа постапка предвидена е можност за жалба, така што оние кои не се задоволни можат да поднесат жалба до Управниот суд.
OhridNews