Советничката група на СДСМ и коалицијата гласаше против буџетот за 2026 година на Општина Охрид. Посочуваат дека истиот е неразвоен, без сериозни и капитални инвестиции за зачувување на животната средина и природата како императив во денешното живеење.
Буџетот е без инвестирање во решавање на сериозниот проблем со загадувањето на воздухот, без инвестирање во заштита на Охридското Езеро, без клучни и суштински проекти во интерес на граѓаните, велат од СДСМ Охрид.
Во таа насока, додаваат, и предложените амандмани не бea прифатени од владеачкото мнозинство.
Советниците од СДСМ Охрид поднесоа седум амандмани кои се однесуваа на изградба на систем за фекална канализација во Косел, реконструкција на детски игралишта во детските градинки, реконструкција и санација на пешачка патека од Св.Јован Канео до месноста Кошишта, целосна реконструкција на дотраениот кров во ЈП Градски гробишта, проектот „Чист воздух – здрави охриѓани“, изградба на атмосферска канализација на цел опфат од ул. „Живко Чинго“ и дел од улица „Вис“ во село Велгошти, како и безбедување на бесплатни средства за менструална хигиена за сите девојчиња во средните училишта во Охрид
Од сите седум амандмани прифатен беше само седмиот амандман, додека другите шест беа одбиени со објаснување дека тие проекти се веќе предвидени во соодветните програми за 2026. Амандманите се во интерес на граѓаните и ние како опозиција будно ќе ја следиме динамиката на реализација на истите и навремено ќе реагираме доколку останат само на хартија.Останува на терен да ги видиме делата на оваа локална власт, додаваат од СДСМ Охрид.
OhridNews












