После градежната експанзија од претходната локална власт кога за само 4 години во сите училишта во Охрид видливи беа реконструкции, изградби и реновирања како никогаш до тогаш, сега повторно владата предводена од СДСМ поддржува се’ она што е за добробит на образовниот процес, велат во соопштението од СДСМ Охрид.

Среќни сме што овој пат со заедничка слога и на пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата, се пренаменаа 90 милиони денари од централниот буџет за изградба на спортска сала во ООУ „Ванчо Николески” и изградба и адаптација на нова училишна зграда на ООУ „Кочо Рацин” на нова локација. Но ова е само еден од низата на поддршки кои дражавата ги дава за охридското образование. После неколку децении Регионалниот центар „Ванчо Питошески“, се реконструира од темел и опслужува ученици кои секоја година се се’ побројни. Владата и ресорното министерство финансираат во енергетско ефикасна фасада и нова дограма во основното училиште „Св.Наум Охридски” во с. Пештани и започнување и реконструкција на студентскиот дом „Никола Карев” за кој се издвоени 2 милиони евра, велат.

Впрочем, додаваат, во охридските основни и средни училишта државата и МОН во овие години уназад вложила повеќе од 7 милиони евра.

Се вложува во се’ она што претставува здрава основа за правилен раст и развој на децата. Тоа е таа грижа на СДСМ и континуитетот на поддршка кој го покажува кон најсуптилната категорија, децата, додаваат од СДСМ Охрид.

OhridNews