„Во време кога во сите училишта во општинава се спроведува фамозниот проект – екстерно тестирање – најодговорните и најповиканите први луѓе во охридските училишта – директорите нашле за сходно да заминат на службено патување во Турција, се наведува во соопштението на општинската СДСМ.
„Иако сите разборити луѓе во државава, освен одговорните во ресорното министерство, знаат дека квази-проектот се спроведува со многу пропусти – хаотично, неуко, непрофесионално, сосема непотребно и по секоја цена, со единствена цел – да се „дисциплинираат“ наставниците и професорите, сепак е несфатливо како е можно првите луѓе во училиштата да не се тука во екот на спроведувањето на екстерното тестирање.“ – велат од СДСМ Охрид.
Оттаму го запрашуваат градоначалникот на општина Охрид, како најодговорен, да одговори зошто токму во овој период директорите од училиштата се отсутни, кога по дефиниција самите се претседатели на училишните комисии за спроведување на екстерното тестирање.
„Зарем овој толку „важен“ проект, кој го промовира владата на ДПМНЕ, не е толку приоритетен за охридските директори на училиштата? Кој ќе одлучува во нивно име за евентуалните технички проблеми, кои можат да настанат денес при спроведување на тестовите? Кој го врши мониторингот и контролата во нивно отсуство? Како можат овие Ваши именувани директори да се однесуваат толку неодговорно кон еден толку „важен“ проект, кога нивната улога е „многу значајна“ за успешно спроведување на истиот?“ – прашуваат од ОО СДСМ Охрид.
Од општинската СДСМ потенцираат дека не е спорен фактот дека патувањата, чија цел е размена на стручни искуства со други училишта во странство, се повеќе од корисни, но дека воопшто не е време во екот на спроведување на проектот да се отсуствува од училиштата.
„СДСМ воопшто не верува во еден ваков лош и штетен проект – да се малтретираат учениците со двојно оценување и да се евалуира наставниот кадар преку оценките на учениците со вакви тестови. Поради тоа, СДСМ јасно и децидно се изјасна за потребата од укинување на ваквиот контраверзен проект. Меѓутоа, кога веќе реализацијата на проектот претставува законска обврска, се прашуваме, како може да бидат толку неодговорни оние, кои се најповикани да ги спроведуваат законските одредби во училиштата?“ – стои во соопштението на ОО СДСМ Охрид.
OhridNews