Околу 60-мина стручни, искусни и посветени наставници и професори од основните и средните училишта во Охрид, денес, на непрофесионален, недостоинствен и неколегијален начин се отстранети од наставно-образовниот процес, велат од општинската СДСМ.

Оттаму додаваат дека на 38 наставници од основното образование и на 20 професори од средното, со повеќегодишно работно искуство, не им биле продолжени договорите за времено ангажирање.

– Причина не е нивна нестручност, неискуство или пак не задоволување на  потребните критериуми, туку само затоа што биле ангажирани од страна на претходната локална власт. ВМРО-ДПМНЕ со тоа покажа дека партиските интереси и се пред интересите на учениците, родителите,и образовните институции, обвинуваат од СДСМ.

Од општинската СДСМ велат дека со овој чекор владеачката партија на најдрзок начин си поиграла со достоинството, дигнитетот и професионалниот интегритет на отпуштените наставници и професори, кои до последен момент биле држени во незивесност- дали договорите што им истекуваат на 31.08.2013 година ќе им бидат продолжени.

– Надеж им влеваше тоа што беа вклучени во креирањето на плановите и распоредите во наставниот процес за новата учебна 2013/2014 година.Но, на првиот училишен ден ги пречекаа ненајавени отпуштања, додаваат од СДСМ.

Од СДСМ информираат дека за случувањата, ќе ги информираат сите релевантни меѓународни институции и здруженија во Македонија.