Резултатите од истражувањето на степенот на транспарентност на буџетскиот процес и отчетноста  при трошењето на јавните средства кај општините во Република Македонија, објавени од страна на Центарот за економски анализи, покажуваат дека во рамките на Југозападниот плански регион, за фискалната 2016 година општина Дебрца, заедно со општина Центар Жупа се најнетранспарентните општини во поглед на буџетскиот процес и отчетноста при трошењето на јавните средства, со освоени 4 бодови од максималните 16, велат од општинската организација на СДСМ Дебрца.

– Ваквиот резултат во однос на општина Дебрца не е никакво изненадување ако се имаат  во предвид  неколкуте основни карактеристики на буџетскиот процес и отчетноста на општина Дебрца во изминативе години, како што се: отсуството на редовни консултации пред донесување на предлогбуџетите и мерење на потребите и приоритетите на граѓаните пред да се достави нацрт буџетот до Советот; предлог буџетот на општината не е достапен за граѓаните со што се оневозможени активно да учествуваат во процесот на носење на буџетот; усвоениот буџет на општината, кварталните извештаи, завршнатасметка и годишниот извештај не се објавуваат на општинската веб страница, додаваат од СДСМ Дебрца.

Оттаму, како што велат, по доаѓањето на новата власт ќе се создадат услови за максимална вклученост на граѓаните, месните заедници, граѓанските здруженија, бизнис секторот и различните целни групи на граѓани во процесот на утврдувањето на локалните приоритети на општината, планирање и усвојување на буџетот на општината, а буџетот на општината ќе биде по мерка на граѓаните и ќе се носи во транспарентна постапка, во две фази. Додаваат дека буџетот и завршната сметка на општината редовно ќе бидат објавувани во електронска форма на општинскиот веб портал, а во писмена форма ќе бидат доставувани  до месните заедници и граѓаните, а на општинскиот веб портал ќе се објавуваат месечни финансиски извештаи за работењето на општината, преку кои граѓаните ќе се информираат за што, колку и каде се трошат нивните пари.

OhridNews