За 11 месеци, колку што е на власт гарнитурата од ДПМНЕ во локалната самоуправа во Охрид, во Советот е одржана само една седница за советнички прашања, реагираат од општинската СДСМ.

– Според одредбите на Деловникот, како и според востановената пракса во изминатите години, вакви седници за поставување на советнички прашања до градоначалникот и до општинските јавни служби треба да се одржуваат барем 4 пати годишно, по една на секои три месеци. Но, очигледно е дека оваа општинска власт од ДПМНЕ не сака да биде прашувана, одбива да работи транспарентно и не сака да дава одговори пред јавноста за својата работа. Заклучокот од ваквото нетранспарентно однесување на локалната власт пред општинските советници е јасен – или се има намера да се скријат матните и сомнителни активности од очите на јавноста, или ништо не е сработено во изминатата година од тоа што беше ветено, велат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека градоначалникот упорно се обидува редовните вообичаени активности на јавните претпријатија и општинските служби да и’ ги прикаже на јавноста како реализирани проекти.
 
– Неодамна бевме сведоци на изјава за медиумите, во кој градската власт на ДПМНЕ се пофали со асфалтирање на 8 уличиња во Косел, со вкупна должина од, замислете, цели илјада метри. Иако тој проект се реализира со средства од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, а не со средства од општинскиот буџет, сепак градоначалникот им се пофали на граѓаните за асфалтирање на тој еден километар улички. За да биде ефектот поголем, можеби ќе беше уште подобро ако изјавеше дека вкупната должина ќе изнесува сто илјади сантиметри. Но, наместо тоа, за зголемување на ефектот, ДПМНЕ примена друга тактика. Во моментот на давањето на изјавата за медиумите, зад Бакрачески стоеја наредени советниците од ДПМНЕ, секретарот на општината, директорите на јавните претпријатија, а пред сите нив директорот на Центарот за јавно здравје, Атанаско Михаилов. Се прашуваме – каква врска има јавното здравје со асфалтирањето на уличките во Косел и во кое својство беше присутен Михаилов таму, застанат веднаш до Бакрачески, потенцираат од ОО на СДСМ.
 
Според СДСМ, како срамен чин се оценуваат и случувањата околу потпишувањата за поддршка на кандидатурата за претседател на Ѓорѓе Иванов.

– Еден срамен чин на страшен притисок врз вработените во јавната и државната администрација  го претставија како спонтано собирање на подржувачите на претседателот Иванов. Замислете, во сабота навечер, неколку стотици луѓе истовремено се појавуваат во општината и чекаат ред со часови за да го дадат својот потпис за Иванов, а тоа на јавноста и’ се претставува како спонтано собирање и силата на народот. Тоа е народот што е приморан и жестоко притиснат против сопствената волја да ги извршува наредбите од партиските штабови на ДПМНЕ, затоа што партиските директори, раководители и шефови му се закануваат со работните места и позициите, наведуваат од општинската СДСМ.

OhridNews