Министрите за внатрешни работи и за труд и социјала од редовите на опозциската СДСМ Оливер Спасовски и Фросина Ременски денеска положија заклетва во Собранието на република Македонија. Тие и официјално стануваат дел од техничката влада на Емил Димитриев.
Претходно лидерот на СДСМ Зоран Заев побара корекција на датумот на избори, со цел, како што рече, да се исполнат условите за фер избори. Дотогаш, појасни Заев, во составот на Владата остануваат и министрите од редовите на социјалдеморкатите, а доколку не биде поместен датумот за изборите, тие дополнително ќе одлучуваат за натамошните чекори.
-Фер и регуларни избори се императив за државата, а тоа може да се случи само со навремено прочистување на Избирачкиот список и навремена регулација на медиумите.- рече Заев.
ВМРО ДПМНЕ се огласи со соопштение во кое се вели дека изборите ќе бидат фер и демократски и дека тоа не зависи од СДСМ.
-Фер и демократски избори ќе има и тоа не е прашање кое СДСМ треба да го загрижува. Тоа што СДСМ треба да го загрижува е отпорот кој се создаде во државата против нивната деструктивна политика, базирана на фабрики за афери, сплетки, интриги, шпиунски филмови и манипулации. – соопшти ВМРО ДПМНЕ.
Во услови на крајна поларизираност на политичките односи во земјата се најавува нова посета на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан. Тој на својот твитер профил најави дека ќе пристигне во Македонија во февруари.
-Ќе се вратам во Скопје на 2-ри февруари да го прегледам напредокот во подготовките за изборите на ДИК, заедно со меѓународната заедница.- напиша Хан на Твитер.
Според најавите Собранието треба да се распушти на 24-ти јануари, а останува неизвесно дали до тогаш ќе биде направена евентуална корекција на датумот за избори најавени за 24-ти април, како што е договорено со договорот од Пржино, а на што инсистира опозицијата, според која во моментов не се создадени услови за фер и демократски избори..
OhridNews