Во рамките на утврдената агенда за планираните предизборни активности вчера кандидатот за градоначалник и дел од кандидатите за советници од советничката листа на СДСМ Охрид ги посетија и остварија предизборни средби со жителите од Куратица. На присутните  од оваа рурална заедница им беа изложени основните одредби од изборната програма на СДСМ за претстојните локални избори. Во директен, отворен и непосреден разговор со присутните се дискутираше за сите прашања и проблеми на жителите од  Куратица, со посебен акцент за потенцијалите на овој крај за развој на
туризмот, како и за актуелните случувања на политичката, економската и општествената сцена во општината и во државата.


Синоќа во 20:00 часот, во Домот на културата во с. Лескоец, ОИШ на СДСМ Охрид одржа предизборен митинг, на кој беа претставени кандидатот за градоначалник и кандидатите за советници од советничката листа на СДСМ Охрид. На околи 300 присутни жители им се обратија г-дин Игор Ивановски, потпретседател на СДСМ и г-дин Александар Петрески,
кандидат за градоначалник. На оваа јавна трибина во Лескоец пред присутните граѓани беа изложени основните одредби и цели од изборната програма на СДСМ за претстојните претседателски и  локални избори.


„Претстојните избори се од непроценливо значење за иднината на Република Македонија. Нашата иднина е таму каде што се другите европски држави. Нашата иднина е европска Македонија. Затоа, не дозволувајте тие што, како и секогаш до сега, само ќе протрчаат низ Лескоец и на брзина повторно ќе Ве излажат и ќе си заминат, да Ве заведат со илузиите за античките приказни. Каде се тогаш во нашето славно минато, според нив, Климент, Наум, Кирил и Методиј. Тие шират шарени лажги и настапуваат со лажен патриотизам, само за да Ви го  одвратат вниманието од катастрофалната економска состојба во која ги доведоа поголемиот број од граѓаните во Македонија. Само за да извршат поделба и раздор
меѓу нас, меѓу својот народ, за да можат да владеат со државава само заради нивните тесно-партиски и лични интереси. Затоа нон-стоп некако не делат – на антички и словенски македонци, на патриоти и предавници, на хунзи и останати, на портокалови и останати. Затоа, на овие избори да им покажеме дека ние не сакаме да бидеме делени по никаква основа, дека не сакаме да живееме  во гето – сами, отуѓени и изолирани. Ние сме македонци, што сакаат конечно да ги
живеат своите животи според вистинските демократски вредности на современата цивилизација, а не во виртуелниот свет на нивните ЕПП реклами, за кои фрлаат огромни суми од Вашите пари…„ – истакна Ивановски во своето обраќање. Тој ги
повика граѓаните да го дадат својот глас за Фрчкоски за претседател, за Петрески за градоначалник и за листата на СДСМ за советници, за победата за пресврт.


„Ги пратам, колку што можам, извештаите на медиумите за средбите со граѓаните на моите против-кандидати. Не сфаќам дали воопшто се свесни за какви избори се работи, дали знаат за кои избори се кандидирале за градоначалници. Па немаат ли некој попаметен во своите тимови, прес центри или партиски налогодавачи, кои ќе им кажат дека ова се локални избори, а не парламентарни. Сето тоа што го ветуват, сето тоа што го измислуваат, сите тие ниви и огради што ги покажуваат каде што ќе никнеле саеми, индустриски зони и гасоводи, сите тие  силни универзитети и факултети, сите тие наводни капитални објекти што ќе Ви ги изграделе и во кои ќе Ве вработеле – сето тоа е во ингеренциите на Владата.
Ништо не кажуваат за ингеренциите на локалната власт, затоа што за тоа ништо не знаат. Па дали има нешто покапитално за Лескоец од проектите кои ние веќе ги реализиравме или започнавме и кои се во тек или ќе ги реализираме во наредните неколку месеци – водоводот, канализацијата, улиците, тротоарите, локалните патишта, .осветлувањето, греењето во училиштата, спортските  игралишта и многу други. Јас Ви ветувам дека со полн капацитет ќе продолжиме да ги остваруваме елементарните потреби и услови за нормален, пристоен и достоинствен живот на нашите граѓани. Тие доаѓаат овде еднаш на 4 години, лажат и си заминуваат, или да живеат и работат некаде во друг град или на друго место. Јас не заминувам никаде, јас сум овде, секогаш останувам овде и повторно ќе бидам овде, со Вас заедно, да го завршивме тоа што го започнавме, за доброто на Лескоец, за доброто на Охрид…“ – истакна Петрески во своето  обраќање. Тој ги повика граѓаните да го дадат својот глас и за советничката листа на СДСМ Охрид, за поуспешно и поефикасно функционирање на градоначалникот во локалната самоуправа, затоа што кандидатите на таа советничка листа имаат полн интелектуален, морален и патриотски капацитетод Охрид да направат вистински европски модерен и современ резиденцијален и туристички центар.

Во рамките на утврдената агенда за планираните предизборни активности, денеска кандидатот за градоначалник Александар Петрески планирано е да оствари повеќе средби и гостувања од протоколарен и промотивен карактер низ
Охрид, информира партиската прес служба.