Убедлива победа на СДСМ и во вториот изборен круг – нови градоначалници од редовите на СДСМ и коалицијата ќе добијат Гази Баба, Кисела Вода, Штип, Демир Капија, Могила, Чашка, Новаци…. Во вториот круг СДСМ освои 17 општини, а ВМРО ДПМНЕ само две, ДУИ 6 меѓу кои Тетово и Чаир, Алијансата – 3 општини, и по една ДПА, БЕСА, како и еден независен кандидат, jавува „Макфакс“.

 

Според последните резултати, СДСМ освои вклупно 54 градоначалнички места, ВМРО ДПМНЕ – 5 општини, ДУИ – 12 општини, Алијансата за Албанците – 3, а ДПА, Беса и ДПТ по една општина.

Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села загуби во Струга, но кандидатите за градоначалници на неговата партија, освен во Гостивар, победија и во Боговиње и во Врапчиште.

Во три општини победија независни кандидати.

Според податоците на ДИК од вториот круг, опозициската ВМРО-ДПМНЕ победи во две општини – Кавадарци и Зрновци. Заедно со општините од првиот круг, Сопиште, Петровец и Илинден, оваа партија има вкупно 5 градоначалници во целата држава. Во Кавадарци победи Митко Јанчев со 13.180 гласови односно 52,65% наспрема Бетиане Китев од СДСМ со 11.538 гласови односно 46,09%. Во Зрновци победи Блаже Станков од ВМРО-ДПМНЕ со 944 гласови односно 57,11% наспрема Ванчо Митев од СДСМ со 670 гласови однсоно 40,53%.

Партијата на премиерот Зоран Заев однесе целосна победа во Скопје, каде што ја презеде власта во сите општини коишто досега имаа градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews
извор: „Макфакс“